Францускиот претседател, Емануел Макрон, изрази надеж дека успеал да го убеди американскиот претседател, Доналд Трамп, да го насочи своето економско внимание кон Кина, наместо да влезе во трговска војна со Европската унија.
Макрон нагласи дека не е во интерес на САД да се впуштат во истовремена економска конфронтација и со Кина и со Европа. „Се надевам дека Трамп го разбира тоа“, изјави тој по нивната средба во Вашингтон.
Според Макрон, главниот приоритет на Вашингтон треба да биде воведувањето на царини против Кина, а не против европските сојузници. Тој потенцираше дека ДДВ-системот во Европа не претставува царина и дека Европската унија никогаш не вовела царински бариери за увозот од САД.
Дополнително, Макрон предупреди дека евентуална трговска војна меѓу САД и ЕУ би можела да ја загрози безбедносната соработка и да доведе до зголемување на воените трошоци на европските држави, што е едно од главните барања на Трамп.
Францускиот претседател најави дека ќе ги информира лидерите на Европската унија за деталите од разговорите со Трамп на претстојниот самит.