КултураМакедонијаСкопјеУметност

Интервју со Ирина Тошева: Во затворот Идризово ќе ги научам затвореничките да креираат текстилни производи

Во свет каде што модата често се поврзува со гламур и површност, македонската дизајнерка Ирина Тошева ја користи како моќна алатка за општествени промени. Нејзиниот најнов проект, фокусиран на затвореничките во “Идризово”, е само уште еден пример за нејзината посветеност кон создавање позитивно влијание преку креативност и иновација.

Тошева, позната по својот уникатен пристап кон модниот дизајн, верува дека модата може да биде катализатор за социјална инклузија и одржливост. Преку низа проекти, таа демонстрира како креативноста може да се искористи за решавање на општествени проблеми, од поддршка на маргинализирани групи до промовирање на еколошка свест.

Прочитајте го целото интервју со Тошева:

1. Од каде ви дојде инспирација за овој проект конкретно?

Осудените лица во женското одделение се соочуваат со недостаток на смислени активности и обуки, што резултира со губење на работните навики и намалени шанси за реинтеграција во општеството по ослободувањето. Кога организацијата Конект ме поврза со женското одделение, каде што веќе се одвиваа мали активности за плетење, видов можност да направам повеќе. Со ентузијазам и идеи предложив иницијативата да се прошири во посериозен проект кој ќе понуди структурирана обука и можност за стекнување на практични вештини.

Раководството ја прифати мојата визија, потпишавме меморандум за соработка и јавно објавив, со цел да привлечеме поддршка од јавноста за создавање на пригодни услови за работа. Засега има неколку парични донации од индивидуалци кои ја препознаа важноста на оваа иницијатива, а и веќе пристигнуваат и донациите во текстилни материјали. Сепак, сè уште ни недостасува поддршка за набавка на неколку машини за шиење, кои се клучни за да можеме целосно да започнеме.

2. Дали сметате дека да се биде општествено одговорен граѓанин е важно и дали се пренесува доволно на младите во државава?

Одговорноста на секој граѓанин, без оглед на возраста, е да биде одговорен кон општеството и да допринесува во заедницата.
Едноставни гестови како да го фрлиш ѓубрето во канта, да го собереш изметот од миленикот, да не ги кршиш клупите и лулашките, да ѝ помогнеш на бабата со торбите да влезе во автобус или да ја придржиш вратата на комшијата, го прават и денот, а и општеството подобро и поубаво. Овие мали дела не бараат многу енергија, а имаат големо влијание.

Секој што ќе направи нешто повеќе од ова заслужува пофалба, но истовремено и поддршка за други да се вклучат или покренат нешто свое. Младите најмногу учат од примерите во својата околина. Моето учество во младинскиот сектор ми помогна да ги гледам работите од различен агол и секогаш истакнувам колку е важно младите да се активни и да волонтираат.

Сега имаат многу повеќе можности отколку што ние имавме и верувам дека тие можат да направат огромна разлика ако се мотивираат и поддржат на вистински начин.

3. Кажете ни за слични ваши проекти во минатото ? Колку време имате? 

Ќе издвојам три со различни пораки и тематики.
Во соработка со уличниот магазин „Лице в лице“ развив дизајн за торби направени од реупотребени Кнауф вреќи за цемент. Заедно со девојки од Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари, ги изработивме торбите кои потоа беа продавани под слоганот „Силни торби за силни социјални промени“ како одржлива алтернатива на пластичните ќеси. На моја покана се вклучија и 10 креативци, кои ставија свој дизајнерски печат на 20 уникатни торби, кои се распродадоа за само 20 минути.Собраните средства беа наменети за транспорт на храна до Дневниот центар во Шуто Оризари. За 10-годишнината на мојот бренд поканив три млади дизајнерки посветени на одржливоста да пренаменат три парчиња од мои постари колекции во нови дизајни. Ја поканив и Дона Неделковска, која имаше тешко искуство во Тетовската болница, да биде моделка, пред објективот на фотографката Ерина Богоева.

Фотографиите беа дополнети со илустрации на Јулијана Росоклија и носеа моќна порака за потребата за промена на здравствениот систем во Македонија. Работите беа распродадени за помалку од 24 часа, а средствата беа донирани на самохрана мајка која се бореше со рак, корисничка на услугите на организацијата „Љубезност. На крајот на минатата година, одржав работилница со учениците членови во pet-friendly клубот на СУГС Никола Карев. Од стари облеки и перници направивме креветчиња за три кучиња во ЈП Лајка, кои се одличен пример за како можеме да дадеме нов живот на старите работи на едноставен и одржлив начин.

За крај, проектите на Ирина Тошева јасно покажуваат дека модата и дизајнот можат да бидат моќни алатки за општествени промени. Нејзината работа со затвореничките во “Идризово”, како и претходните иницијативи, ја истакнуваат важноста на креативноста, одржливоста и социјалната инклузија во модната индустрија. Тошева не само што создава убави дизајни, туку и гради мостови меѓу различни општествени групи, промовира еколошка свест и инспирира млади луѓе да станат активни граѓани. Нејзиниот пристап кон модата како средство за позитивна промена служи како пример за тоа како уметноста и бизнисот можат да се спојат за да создадат подобро општество за сите.

СДСМ бара оставка од Кочоска, министерката одбива да се повлече

B. M.

Казната за насилството врз кучето Феликс треба да биде затворска

E K

Мицкоски: Македонија Целосно Усогласена со Надворешната Политика на ЕУ

B. M.

Политичка Препирка Околу Меџити: СДСМ со Обвинувања, Владата со Негирање

B. M.

Рекордна акција за донирање крв во Хотел „Фламинго”

A3 Редакција

Нов закон за поголема транспарентност на цените во трговијата

E K