Граѓаните на Србија започнаа генерален штрајк инициран од студентите кои веќе неколку месеци протестираат. Тие ги повикаа граѓаните на „општа граѓанска непослушност“, со порака: „Не одиме на работа, не одиме на предавања, не ги извршуваме секојдневните обврски, ја земаме слободата во наши раце“.
Штрајкот доби поддршка од бројни компании, установи, здруженија и политички партии. Републичкиот синдикат на културата прогласи генерален штрајк, при што многу културни установи ги затворија своите врати. Адвокатската комора на Србија најави тридневен прекин на работата поради „нарушувањето на владеењето на правото“, при што адвокатите нема да присуствуваат во судовите, обвинителствата и полицијата.
Голем број на граѓани во Србија реагираа во текот на последните денови со штрајк како начин на протест против тековната економска и социјална состојба. Улиците во центарот на Белград, познати по својата живост и активност, денеска стоеја празни и напуштени.
Централните делови на градот, кои обично се преполни со луѓе, продавници и ресторани, сега изгледаа како пустини, без било каква комерцијална активност. Оваа необична слика е резултат од големиот протест што го погодува моментално Србија.
о Белград и Нови Сад се одржаа протести и блокади. Пратениците и советниците од Нови Сад го блокираа автопатот Нови Сад – Белград, изразувајќи солидарност со студентите.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави голем собир во Јагодина, каде што ќе ја претстави иницијативата за формирање „движење за државата и народот“.
Движењето “Крени – промени” го документира овој необичен пејсаж, објавувајќи видеа кои го прикажуваат празнината на улиците и затворените продавници. Тоа е јасен знак дека граѓаните на Србија се решителни да го изразат своето несогласие и да бараат промени во тековната социјална и економска реалност.
Генералниот штрајк и протестите продолжуваат, со учество на различни сектори и организации низ целата земја.