Заменик-премиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, во гостувањето на емисијата 24 анализа изјави дека не постои договор помеѓу неговата партија и ВМРО-ДПМНЕ за промена на државниот грб.
Тој потенцираше дека иако во минатото можеби постоел таков договор помеѓу Али Ахмети и Никола Груевски, промената на грбот сè уште не е реализирана.
„Постои тврдење дека Ахмети и Груевски постигнале договор за промена на државниот грб, но во моментов таков договор со ВМРО-ДПМНЕ нема“, изјави Меџити.
Тој додаде дека грбот и химната имаат корени во комунистичкото минато и не ја рефлектираат актуелната реалност. Според него, химната треба да биде инклузивна и да ги претставува сите заедници, бидејќи борбата за независност била заедничка.
Осврнувајќи се на прашањето за статусот на албанскиот јазик, Меџити истакна дека формулацијата „20%“ е неприфатлива и ја смета за навреда кон втората најголема заедница во Македонија.
„Не ни се допаѓа фактот што албанскиот јазик е формално застапен со 20%, бидејќи тоа не ја одразува вистинската слика и чувството на Албанците кон својот јазик. На државно ниво, албанскиот е втор официјален јазик, додека на локално ниво може да има и други јазици. За нас, албанскиот јазик е приоритет, согласно духот на Охридскиот рамковен договор“, нагласи Меџити.