Првите истражувања на телевизијата Клан Косово, спроведени од агенцијата Ипсос, покажуваат дека на парламентарните избори во Косово најголем број гласови освои Движењето Самоопределување (ВВ) на Албин Курти – 38,2%, што изнесува 43 пратенички места.
На второто место е Демократската партија на Косово (ПДК) на Мемли Красниќи со 22,4%, што претставува 25 пратеници, додека на третото место е Демократската лига на Косово (ЛДК) на Лумир Абдиџику со 20,1%, односно 23 пратеници.
Алијансата за иднината на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај, во соработка со Социјалдемократската иницијатива, го надмина изборниот праг од 5% со освоени 7,6% од гласовите, што ѝ донесе 9 пратенички места.
Претставниците на српската и другите малцински заедници ќе добијат вкупно 20 од 120 пратенички места во Собранието на Косово, по 10 места за секоја заедница.
Истражувањето беше спроведено на примерок од 8.000 лица во 400 гласачки центри, од страна на повеќе од 100 анкетари.
Слични резултати се прикажани и во истражувањата на Газета Експрес, ТВ7 и РТВ Дукаѓини.
Претходно, истражувањето на Коха прогнозираше дека ВВ ќе освои 42,3%, ПДК 21,3%, ЛДК 20,4%, а ААК 6,3% од гласовите.
На денешните, вкупно деветти парламентарни избори во Косово, право на глас имаа 1.970.944 граѓани во земјата и 104.924 во дијаспората. Гласачите во странство гласаа вчера на 30 дипломатски претставништва во 19 земји.
Според Централната изборна комисија, по обработката на 90% од гласачките ливчиња, излезноста на гласачите изнесува околу 40%.
На овие избори учествуваа 28 политички субјекти, вклучувајќи 20 политички партии, 5 коалиции, 2 граѓански иницијативи и 1 независен кандидат.