Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека судирот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа бил „несреќен“ и нагласи дека е неопходно двајцата лидери да работат на подобрување на односите.
„Разговарав со претседателот Зеленски двапати по телефон. Му кажав дека мораме да останеме заедно – САД, Украина и Европа – за да ја доведеме Украина до траен мир“, изјави Руте за Би-Би-Си.
Тој истакна дека е клучно да се почитува американската поддршка за Украина, вклучувајќи ја и воената помош од минатото. „Му реков дека мораме да го почитуваме она што претседателот Трамп го направи за Украина, особено снабдувањето со напредни противтенковски системи Javelin“, рече Руте, додавајќи дека Украина немаше да биде „никаде“ без американската поддршка.
Руте потврди дека неодамна разговарал и со Трамп и изрази убеденост дека американскиот претседател е посветен на постигнување траен мир, но очекува поголеми инвестиции во одбраната од европските земји-членки на НАТО и Канада.
„Разговарав со Доналд Трамп половина час во четвртокот. Ние сме пријатели и работевме заедно со години. Тој е посветен на НАТО и сака Европа да вложи повеќе во одбраната. И во право е за тоа“, рече Руте.
Генералниот секретар на НАТО нагласи дека Зеленски треба да најде начин да ги обнови односите со Трамп и американската администрација, бидејќи единствено преку заедничка соработка може да се постигне стабилен мировен договор.
„Вчера разговарав за ова со Зеленски, но и со британскиот премиер Кир Стармер. Двајцата ќе се сретнат денеска, а утре ќе има важен состанок во Лондон“, изјави Руте, додавајќи дека Европа е подготвена да даде безбедносни гаранции за Украина за да осигура дека мирот ќе биде траен и Русија нема повторно да го доведе во прашање.